Оланд и Камерон ги повикаа Москва и Дамаск да го почитуваат примирјето

Францускиот претседател Франсоа Оланд и британскиот премиер Дејвид Камерон ги повикаа Москва и Дамаск „веднаш да престанат со нападите“ против умерената сириска опозиција. Во заедничката декларација по билатералната средба во Париз денеска, двајцата лидери ги повикаа сите страни да го почитуваат договорот за прекин на огнот и да престанат со кршењето на човековите права. Тие исто така ги повика Русија и сириските власти да ги прекинат нападите врз медицински установи и да го запрат напредувањето кон градот Алепо во северна Сирија, зашто сметаат дека тоа може да го загрози мирот и драматично да ја влоши бегалската криза.

Камерон и Оланд утре треба преку конференциска врска да разговараат со лидерите на Русија и Германија, Владимир Путин и Ангела Меркел, за прекинот на огнот во Сирија. Кабинетот на Камерон соопшти дека Велика Британија, Франција и Германија треба јасно да му стават на знаење на рускиот претседател дека примирјето во Сирија мора да се спроведува „за да се отвори патот за вистинска политичка транзиција“. Кревкото примирје меѓу силите на претседателот Башар ал-Асад и опозициските групи стапи во сила минатата недела.