Туск - Економските мигранти да не доаѓаат во Европа

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и грчкиот премиер Алексис Ципрас во Атина

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск ги критикуваше земјите-членки на ЕУ за нивните едностраните акции за блокирање на границите за мигранти и бегалци. На прес-конференцијата по средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас во Атина, Туск исто така рече дека економските мигранти не може да дојдат во Европа.

„Сакам да апелирам до сите потенцијални нелегални економски мигранти од каде и да се: Не доаѓајте во Европа. Не им верувајте на криумчарите. Не ги ризикувајте вашите животи и пари. Сето тоа е залудно“, рече тој.

Тој исто така рече дека индивидуалните активности за затворање на границите за мигранти на европските држави ја „еродираат довербата“ со поделбите на ЕУ и оти се „на штета на европскиот дух на солидарноста“.

Ограничувањето на бројот на мигранти од страна на Австрија предизвика домино ефект на балканската бегалска рута – во Словенија, Хрватска, Србија и Македонија. Во Грција останаа заглавени околу 24 илјади мигранти кои се обидуваат да стигнат до побогатите држави во западна Европа.