Почина академик Томе Серафимовски

На 80-годишна возраст денеска во Скопје почина академик Томе Серафимовски, познат македонски скулптор. Погребот ќе се изврши в недела на градските гробишта во „Бутел“ во 12 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата во Бутел од 11 до 12 часот. Македонската академија на науките и уметностите на 7 март ќе одржи комеморативна седница во 12 часот.

Серафимовски има создадено над 550 скулптури во бронза, мермер, оникс и дрво. Реализирал и 40-тина споменици и спомен-обележја кои се наоѓаат на просторите на Република Македонија, на поранешна Југославија и во светот. Неговите дела се наоѓаат и во повеќе приватни и јавни колекции, во галерии и во музеи, како и во многу други институции во светот.

Роден е во гостиварското село Зубовце на 14 јули 1935 година. Основното образование го завршил во Гостивар, средно уметничко училиште, отсек вајарство, во Сплит, а дипломира на Академијата за ликовни уметности во Загреб во класата на професор Антун Аугустинчиќ.

За своето скулпторско творештво, тој е добитник на многубројни награди и признанија.

Кон средината на 2013 година, Комисијата за верификација на фактите го лустрираше Серафимовски, прогласувајќи го за соработник на поранешните тајни служби. Претходно, тој излезе со жестоки критики против Комисијата за лустрација и за нејзиниот претседател Томе Аџиев поради лустрирањето на писателот Славко Јаневски.