Основен суд Скопје 1 - Не го одолговлекуваме Пуч, не сме фотокопирница

Основниот суд Скопје 1 денеска реагира дека тие ниту го одолговлекуваат случајот Пуч, ниту избегнуваат, ниту бегаат да ја утврдат правдата.

Специјалното јавно обвинителство претходно реагира дека Судот им ја отежнува работата со тоа што не им дава копии од доказите во предметот Пуч. Судот, пак, одговори дека доказите се класифицирани и оти тие не смеат да издаваат преписи или копии „без изречна дозвола и одобрение од државните органи кои ги издале“ ваквите документи и го упати СЈО да ги побара доказите од Обвинителството за организиран криминал од кое го презедоа случајот или да ги побараат документите од државните органи кои ги издале. Судот вели дека на Специјалното обвинителство му е дозволен непречен увид во секое време во сите списи на предметот.

„Судот не може спротивно и со повреди на Законот за класифицирани информации да се претвори во фотокопирница и копира класифицирани списи и докази, за што нема такво овластување“, се вели во соопштението од Основниот суд Скопје 1.