По деветти пат одложено рочиштето за Пуч

Одложено е судското рочиште за предметот „Пуч“ во кој еден од обвинетите е лидерот на опозицијата Зоран Заев. Причината за одлагањето е жалбата на Специјалното обвинителство за недоставувањето на копии од доказите кои ги поседува Судот а се поврзани со овој предмет.

Во соопштението кое беше објавено од СЈО е наведено дека судското решение е обжалено затоа што сметаат дека е неопходно, за да можат да се впуштат во главна расправа, да поседуваат копии од доказите.

Специјалната обвинителка Катица Јанева пред судот рече дека е неопходно на рочиштата да присуствува и главниот сведок кој е оштетен во постапката, алудирајќи на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Во соопштението што СЈО денеска го објави е наведено дека во тек се и 15 нови предистражни постапки кои се однесуваат на проверки во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, злоупотреби на постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.