Реформистите победија на изборите во Иран

Сојузниците на иранскиот умерен претседател Хасан Рохани освоија мнозинство во моќното Собрание на експерти и ги засилија своите позиции во Парламентот, покажуваат конечните резултати од изборите одржани на 26 февруари.

Реформистите, заедно со умерените конзервативци кои го поддржаа нуклеарниот договор на Иран со светските сили, освоија мнозинство во Парламентот ако решат да направат коалиција. Конзервативните сили, кои се спротивставуваат на нуклеарниот договор, освоија 68 пратеници, во 290-члениот парламент, наспроти повеќе од 100 колку што имаа досега. Пет места одат за верските малцинства. За останатите 59 места ќе се одлучува во вториот круг што веројатно ќе се одржи во април.

Во Собранието на експерти, пак, реформистите освоија 52 од 88-те места.