Големи протести во Багдад против корупцијата

Моќниот шиитски свештеник Муктада ал-Садр пред десетиците илјади поддржувачи рече дека ирачкиот премиер Хајдер Ал Абади мора да ја искорени корупцијата и да ги спроведе ветените реформи, а во спротивно може да се соочи со губење на позицијата. Околу 100 000 луѓе присуствуваа вчера на протестите на плоштадот во Багдад на кој повика Садр за да се испрати порака против корупцијата. Минатото лето Абади вети политички и економски реформи по масовните протести, а месецов рече дека на министерските места ќе постави технократи, но и ова ветување не е остварено. Извикувајќи антиамерикански слогани, Садр го обвини Абади дека не успеал да ја искористи поддршката понудена од ирачкиот ајатолах Али Ал-Систани кој ги поддржа предложените реформи.