Судири меѓу опозициските демонстранти и полицијата во Косово

Судири меѓу опозициските поддржувачи и полицијата избија пред косовскиот парламент во Приштина. Полицијата употреби солзавец и водени топови за растерување на стотиците поддржувачи на опозицијата кои кампуваат на главниот плоштад во Приштина барајќи оставка на владата и предвремени избори. Полицијата интервенираше откако кон собранието беа фрлени молотови коктели.

Парламентот денеска треба да избере претседател на државата, но седницата е прекинувана зашто опозицијата двапати фрли солзавец во собраниската сала. Опозицијата се противи на изборот на Хашим Тачи за претседател, зашто смета дека земјата ќе западне во уште подлабока криза. Од собраниската сала се истерани 11 пратеници меѓу кои и екс лидерот на Движењето „Самоопределување“ Албин Курти, како и актуелниот лидер Висар Имери.

Претседателот на Косово треба да биде избран до 6 март. Во спротивно мора да бидат распишани вонредни парламентарни избори. Според процедурата, во првите два обида потребно е за него да гласаат две третини од пратениците, додека во третиот обид доволни се 50 проценти, односно 61 пратеник.

Мандатот на актуелната претседателка Атифете Јахјага истекува на 7 април.