Одбележана 12-годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски

Дванаесетгодишнината од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски денеска беше одбележана во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел и пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Цвеќе на гробот на Трајковски положија делегации од Владата, Собранието, Град Скопје, Советот на Град Скопје, претставници на дипломатскиот кор, државни институции, политички партии, членови од семејството на претседателот и здруженија на граѓани.

Во авионската несреќа во близина на Мостар покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот. Македонската делегација патуваше на Меѓународна конференција во Мостар.