Шилегов - Петмина уставни судии се послушници на ВМРО-ДПМНЕ

Уставен суд

Уставните судии Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојановски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски, кои одлучија да поведат постапка за уставноста на одредбата од Законот за помилување која му забранува на Претседателот да даде амнестија за изборен криминал, се избрани меѓу 2011 и 2013 година и се послушници на ВМРО-ДПМНЕ, рече денеска портпаролот на СДСМ Петре Шилегов. Тој рече дека СДСМ и граѓаните нема да дозволат ниту да се штити изборен криминал, ниту да се превенира нечија намера за повторен изборен грабеж.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска повторно реагира дека токму тие ги донеле измените на законот со кои се забранува помилување за одредени категории осуденици, како што се оние поврзани со избори, педофилија и слично и оти остануваат на тој став. Според ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата ја манипулира јавноста и лаже дека ВМРО-ДПМНЕ стои зад одлуките на Уставниот суд и изразува сомнеж дека таква одлука на уставниот е во интерес на СДСМ, затоа што синот на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски е обвинет за педофилија.