Грција го повика на консултации својот амбасадор во Австрија

Грчкото Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека го повикало на консултации својот амбасадор во Австрија, еден ден откако во Виена беше одржана конференција на министрите за внатрешни и надворешни работи на земјите од Западен Балкан за мигрантската криза, а на која грчки претставници не беа повикани.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас денеска го повикал грчкиот амбасадор во Виена со цел „да се обезбеди зачувување на пријателските односи меѓу двете држави и народите на Грција и Австрија“, се наведува во соопштението на Министерството, пренесува Танјуг.

Грција поради својата голема морска граница со Турција и близината на грчките острови со турскиот брег стана главна точка од каде влегуваат стотици илјадници луѓе кои бегаат од војни и сиромаштија во своите земји и се надеваат на подобар живот во Европа.