Ципрас: Грција нема да стане стовариште за мигранти

Грчкиот премиер Алексис Ципрас побара од земјите на ЕУ да ги почитуваат одлуките на Унијата за поделба на товарот од мигрантската криза. Во спротивно, како што рече, Атина ќе ги блокира идните договори. Австрија, и покрај критиките од Грција и УНХЦР, вчера презеде дополнителни потези за координирање на граничните рестрикции на Балканот со што се интензивира проблемот со мигрантите кои доаѓаат во Грција. „Нема да прифатиме земјата да ни се претвори во постојано стовариште на мигранти додека Европа продолжува да функционира како ништо да не се случува“, изјави Ципрас во грчкиот парламент. Тој додаде дека некои членки не само што креваат огради на границите, туку не прифаќаат ниту еден мигрант.