Признание за изборни измами на власта или интерес на СДСМ

СДСМ смета дека со одлуката на Уставниот суд за поведување постапка за Законот за помилување, власта ја признала вината на своите најблиски соработници за изборните измами.

„Изборните грабежи и партизираните институции беа главните причини за политичката криза. Дали ваквата одлука на Уставен суд се носи со намера да се заштити Груевски? Највисоки претставници на партијата на власт се веќе осомничени за злосторничко здружување за изборна измама. Очигледно дека некој во врвот на ВМРО-ДПМНЕ многу добро знае за што се покренати постапките“, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

СДСМ, како што наведе Шилегов, нема да дозволи, „на ваков начин ниту да се штити изборен криминал ниту да се превенира нечија намера за повторен изборен грабеж“.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагира дека токму тие ги предложиле измените во законот за помилување во 2009 година и оти имаат ист став и денес. Во нивното соопштение се наведува дека отворено се сомневаат дека токму СДСМ има најголем интерес за една ваква одлука на Уставниот суд.