Собранието не се распушти

Пратениците вечерва неколку минути пред полноќ, со 83 гласа за и 3 против, ја укинаа одлуката за распуштање на Собранието донесена на 18 јануари. Пратениците на СДСМ не гласаа за овој закон. Координаторот на опозициската партија Горан Сугаревски истакна дека тоа е уште еден пораз на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, бидејќи се покажало оти нема услови за фер и демократски избори. Според него, без прочистен избирачки список и без реформи во медиумите не може да има фер и кредибилни избори и тоа го потврдила меѓународната заедница. Тој порача дека СДСМ не гласала за едностраната одлука на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за распуштање на Собранието на 18 јануари и затоа и нема да гласаат и сега за одложување на изборите.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски рече дека е срам за една политичка партија да бега од избори и да се радува за тоа. Тој порача дека ниту еден меѓународен посредник и измислен пријател нема да ги заштити СДСМ од волјата на народот. Според него, народот ќе си дојде по своето и ќе го врати суверенитетот на државата.

„На 5 јуни со вас или без вас граѓаните ќе го изберат новото Собрание, а вие и натаму да продолжите со деструктивната и кукавичка политика“, нагласи Димовски.

За збор се јави и координаторот на ДУИ, Талат Џафери кој рече дека тие, како и на 18 јануари, по договор на лидерите на политичките партии и под надзор на меѓународната заедница го преземаат овој чекор со цел, како што нагласи, да се излезе од политички хаос во земјата и затоа ќе дадат поддршка и на оваа одлука.

Седницата за гласање за одложување на изборите ќе продолжи по паузата од половина час.