Заедничко регистрирање на бегалците кои поминуваат низ Македонија

Шефови на полиции на Австрија, Словенија, Хрватска, Србија и Македонија се договорија денеска да воведат заедничка регистрација на бегалците кои преминуваат од Грција во Македонија и да организираат нивен транспорт од границата директно до Австрија. Процесот ќе вклучува идентификација и снимање биометриски податоци од мигрантите, со што ќе се дознае дали доаѓаат од држави кои се сметаат за опасни, како Сирија, Ирак или Авганистан. Нема да добиваат статус на лица кои бараат азил – тој чекор ќе се прави во Австрија или во друга држава каде што се упатиле.

„Целта на договорот е да се избегне враќање на бегалците кон друга држава по маршрутата. Мерките ќе се применуваат почнувајќи од денеска“, изјави Владо Доминич, шеф на хрватската полиција.

Началниците на полициските служби се договориле да ги поканат Бугарија и Албанија да бидат дел од заедничките напори за регистрирање на мигрантите.