Уапсен секретарот на движењето „Самоопределување“ во Приштина

Косовската полиција рано утрово го уапси секретарот на опозициското движење „Самоопределување“ Дардан Молиќај, поради сомневање дека „го нарушувал јавниот ред“, јави Танјуг. Молиќај е уапсен поради „нарушување на јавниот ред и уништување на службениот имот“. Тој е трет висок претставник на „Самоопределување“, уапсен во последните неколку дена. Пред него, полицијата го уапси портпаролот на движењето Фрашер Красниќи, а потоа и пратеникот Глаук Коњуфцу. Молиќај долго се криеше, а вчера говореше на демонстрациите на опозицијата во Приштина, на кои е побарана оставка на владата на Иса Мустафа.