Нема поделба на државата и партијата, се прават списоци со гласачи

Архивска фотографија: Првиот човек на МОСТ, Дарко Алексов

При промотивните настани организирани од државни и јавни институции не е почитува принципот на одвоеност на партијата и државата, а во најмалку 4 општини вработените во администрацијата добиле инструкции да подготват списоци на потенцијални гласачи на ВМРО- ДПМНЕ, покажува набљудувањето на Граѓанската асоцијација МОСТ, Асоцијацијата за демократски иницијативи - Гостивар, Центарот за економски анализи, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Младинскиот културен центар - Битола. Набљудувањето на периодот пред распишување на предвремените парламентарни избори започнало од декември 2015 година. Забележани биле и три случаи на притисок врз вработените во администрацијата да посетуваат партиски митинзи, како и анкетирање пензионери од страна на ВМРО-ДПМНЕ, преку список на кој го имало логото на Министерството за труд и социјала. Забележана била и употреба на службени возила за партиски цели, како и користење јавни установи за партиски активности, што не смее да не биде нефактурирано. Функционерите, пак, присуствувале на партиски настани во работно време. Набљудувачите исто така ја повикуваат ДИК да дозволи присуство на медиуми на седниците. Набљудувачите забележале дека субвенции се исплаќале и по истек на законскиот рок, како и дека во медиумите се забележани случаи на говор на омраза.

Првиот човек на МОСТ, Дарко Алексов, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека не се исполнети условите за фер и демократски избори на 24 април.