Зврлевски не ѝ ги дава „Маѓар Телеком“ и „Верушевски“ на Јанева

Архивска фотографија: Марко Зврлевски, јавен обвинител

Основното јавно обвинителство - Скопје денеска соопшти дека одбива на Специјалното јавно обвинителство да му достави три кривични предмети кои СЈО ги побарало. Се работи за предметите „Маѓар Телеком“, предметот за неовластено поседување оружје против Зоран Верушевски и предметот за „Производство и дистрибуција на детска порнографија“ против неговиот син. Според скопското обвинителство, предметите што се бараат не се поврзани, ниту пак произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и затоа СЈО не е надлежно за нив. Во соопштението се наведува дека Основното јавно обвинителство Скопје побарало од Советот на обвинители да се произнесе за законитоста на барањето.