Заглавени камиони на грчко-бугарската граница

Илустрација: Блокади на патишта во Грција

Долги колони од возила и камиони има на грчко-бугарската граница кај Промахонас, како резултат од блокадите на грчките земјоделци кои протестираат против пензиските реформи. Според полициски проценки, повеќе од 800 камиони и 160 автомобили се заглавени на грчка територија, додека од другата страна на границата, кај преминот Кулата во Бугарија, 1.000 камиони и 500 автомобили чекаат да ја преминат границата и да влезат во Грција.

Во меѓувреме, Бугарија повторно побара од Европската унија да помогне во отстранувањето на блокадите кај Промахонас.

„Секој има право да протестира, но тоа не значи дека треба да го крши правото на слободно движење на луѓе и стоки во рамките на ЕУ“, изјави бугарскиот заменик-премиер Меглена Кунева, додавајќи дека транспортните компании од Бугарија трпат големи загуби од блокирањето на граничните премини.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, пак, ја повика ЕУ да преземе мерки со цел нормализирање на сообраќајот меѓу Грција и Бугарија.

Блокади има и на грчко-македонската граница. Авто-мото сојузот на Македонија соопшти дека граничниот премин Ники-Меџитлија ќе биде затворен вечерва до 22 часот.