Русија и Саудиска Арабија го замрзнуваат производството на нафта

Русија и Саудиска Арабија, двата најголеми производители на сурова нафта во светот, се согласија да го замрзнат производството, додека други земји го следат нивниот пример. Замрзнувањето на производството на нивото од јануари ќе биде „соодветно“, изјави денеска саудискиот министер за нафта Али ал-Наими по средбата со рускиот министер за енергија Александар Новак во главниот град на Катар, Доха. Наими рече дека и Катар и Венецуела се согласиле на замрзнување на производството и оти се надева дека и другите производителите ќе го прифатат предлогот. Иран најави дека драстично ќе го зголеми извозот, бидејќи се обидува да го поврати својот удел во пазарот по укинувањето на меѓународните санкции. Презаситеноста со производство на нафта во светски рамки предизвика пад на цената за повеќе од 70 отсто од јуни 2014 години. Барел сурова нафта сега се продава за под 34 долари, со што се створи финансиски притисок врз Русија, Азербејџан, Ирак и другите земји кои се зависни од продажбата на нафта.