Нема притвор за осомничените од Титаник

Рано утрината судиите од Основниот суд Скопје на претходна постапка ги одбија барањата за притвор на СЈО и напишаа решенијата со кои ги ослободуваат од притвор осомничените во случајот Титаник.

Од Основниот Суд Скопје 1, прв излезе градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, кој цел ден вчера беше на распит, а набргу потоа и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Тие како и нивните адвокати не кажаа ништо за обвинувањата на обвинителството дека се вклучени во изборни нерегуларности.

Судските распити за нив следуваа откако специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим вчера побараа притвор за осум лица и итно приведување на еден од нив поради криминализација на изборниот процес.

Вчера во Судот се појавија само четворица од осумтемина за кои СЈО бара притвор.Осомничени се и поранешниот министер за внатрешни работи и секретар на влада. Во наредните денови во судот треба да се појават и останатите осомничени во првиот случај кој го објави специјалното обвинителство за изборни нерегуларности.