Асад најави враќање на контролата врз цела Сирија

Сирискиот претседател Башар ал-Асад вети дека ќе ја поврати контролата врз целата земја, но призна дека тоа може да трае долго време. Во интервју за новинската агенција Франс прес денеска во Дамаск, Асад вели дека ќе продолжи да се бори против тероризмот, а дека мировните преговори биле одржани со опозициски групи. Интервјуто беше објавено само неколку часа откако ноќеска во Минхен беше договорен хуманитарен прекин на огнот. Во подолгото интервју, Асад вели дека постои ризик Саудиска Арабија или Турција да почнат воена интервенција во Сирија, но додаде дека вооружените сили „сигурно ќе му се спротивстават на тоа“. Асад вели дека Европа е „директна причина“ зошто Сиријците бегаат од својата земја и оти мора да запре „давањето засолниште на терористите“ пред луѓето да се вратат, алудирајќи на западната поддршка за сириските опозициски групи.