Агенцијата за медиумски услуги со осуда за Латас

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осудува непочитувањето на професионалните новинарски принципи и стандарди од страна на одговорниот уредник на ТВ Сител Драган Павловиќ Латас при гостувањето на претседателот на СДСМ Зоран Заев во синоќешниот Дневник.

„Наместо интервју во кое различните гледишта и мислења ќе добијат еднаков третман со што публиката ќе може слободно да оформи сопствено мислење за актуелните општествено - политички теми - гледачите видоа непримерен начин на комуникација, кавга и навреди“, соопштува Агенцијата, која наведува дека гледачите биле сведоци на комплетно отсуство на култура на говорот и неетичност.

„Имајќи предвид дека почитувањето на новинарските стандарди е предмет на саморегулација, Агенцијата ги повикува Советот за етика во медиумите на Македонија и новинарските здруженија да ги преземат мерките што им стојат на располагање“, стои во соопштението.