Советот за етика загрижен поради непрофесионалноста на Латас

Советот за етика во медиумите на Македонија изразува сериозна загриженост поради „непрофесионалното однесување на главниот и одговорен уредник Драган Павловиќ – Латас и непристојниот и несоодветен третман кон гостинот Зоран Заев“ во вчерашниот разговор во вестите на ТВ Сител.

Во соопштението од Советот се наведува дека служењето со дискриминаторен речник, потценувачкиот и арогантен пристап, како и дискредитирањето на соговорникот значи еклатантно кршење на етиката во информирањето на јавноста и злоупотреба на функцијата новинар, уредник и домаќин во интервју или емисија.

„Неспоиво со оваа професија е непримерната комуникација со соговорникот, а преку тоа и со јавноста, како и поттикнувањето стереотипи по која било основа, а грешките од ваков тип може да имаат трајни последици врз работењето на медиумот и перцепциите на јавноста“, се наведува во соопштението на Советот за етика во медиумите.

Советот наведува дека служењето со непроверени информации и шпекулации ја водат јавноста во заблуда, може да создадат конфузија и до неконтролирани последици во однесувањето на поединци или групи.

„Медиумот истовремено ја сноси и одговорноста да му дозволи на соговорникот да го искаже својот став и размислувања по одредени или поставени прашања“, се наведува во соопштението.