Турскиот вицепремиер го критикува притисокот од ЕУ за бегалците

Турскиот вицепремиер Јалчин Акдоган остро реагира на притисокот од страна на ЕУ врз Турција за отворање на вратите за десет илјади Сиријци, кои чекаат на границата бегајќи од насилствата во нивната земја, пренесува БТА. Акдоган денеска ја обвини ЕУ дека ѝ дава на Турција часови по морал и сака да го зголеми бегалскиот товар врз земјата без да преземе каква било одговорност.

„Од една страна ЕУ вели отворете ги границите и примете ги сите внатре, а од друга страна вели затворете ги границите и не пуштајте никого“, изјави Акдоган.

„Дури и без да обезбедат пари тие ни велат: „примањето на тој народ е прашање на совест“, додаде Акдоган и потоа праша:

„Само ние ли треба да дејствуваме со совест? Зошто тие не ги земат?“.

Турскиот вицепремиер ги имаше предвид трите милијарди евра, кои ЕУ им ги вети за да им помогнат на сириските бегалци.