Осомничени повеќе лица за смртта на малата Тамара

Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопшти дека има повеќе осомничени за смртта на малата Тамара Димовска од Велес која почина лани чекајќи операција на ’рбетот. Обвинителството соопшти дека повеќе лица се осомничени за кривично дело „несовесно работење“ во службата.

„Во својство на осомничени, лицата се повикани да дадат изјави пред надлежниот јавен обвинител. Истрагата продолжува во насока на целосно расветлување на случајот“, стои во соопштението.

По завршување на сослушувањето, како што е наведено во соопштението од Обвинителството, ќе биде донесена мериторна јавнообвинителска одлука за која јавноста ќе биде навремено известена.

Претходно, на Фејсбук за утре напладне беше најавен протест против молкот на Јавното обвинителство една година по смртта на малата Тамара. Организаторите на протестот бараат Јавниот обвинител итно да покрене обвинение против одговорните за нејзината смрт.