Уапсен дописник на РСЕ во Киргистан

Илустрација

Дописникот на таџикистанскиот сервис на Радио Слободна Европа Масуми Мухамадраџаб бил уапсен од киргистанските граничари на спорниот дел од границата меѓу двете земји. Киргистанските гранични власти велат дека новинарот бил уапсен денеска поради тоа што не ја поминал границата преку киргистански граничен пункт. Новинарот известувал за тензиите во граничната област Бобоџан Гафур, откако киргистанските гранични власти на 6 февруари го поставиле нивното знаме врз приватна куќа во сопственост на Таџикистанец, тврдејќи дека се наоѓа на нивна територија. Многу делови од границата меѓу двете земји во Централна Азија останаа спорни по распаѓањето на Советскиот Сојуз во 1991 година. Тензиите на киргистанско-узбекистанската и киргистанско-теџикистанската граница се интензивираа во последните години, при што имаше случаи на насилство во кои беа вклучени граничарите, но и локалните жители од сите страни.