Медали за иранските преговарачи за нуклеарната програма

Иран им додели медали на преговарачите кои помогнаа да се постигне договор за нуклеарната програма со шесте светски сили минатата година. Претседателот Хасан Рохани на денешната церемонија во Техеран му додели медал за заслуги на министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф. Шефот на Иранската организација за атомска енергија Али Акбар Салехи и министерот за одбрана Хосеин Деган добија медали за храброст. Повеќе од 20 други претставници добија различни медали и плакети во чест на нивниот придонес во нуклеарните преговори. Договорот предвидува ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции.