НБРМ: Расте кредитирањето на претпријатијата

Во последниот квартал од минатата година кај банките е забележано поголемо кредитирање на претпријатијата. Раст е забележан и кај депозитите и на претпријатијата и на населението. Според податоците на НБРМ, обемот на новото кредитирање во последниот квартал е за 2,6 пати повисок од просечниот квартален износ одобрен во претходните три квартали на годината и претставува највисок квартален износ на пласирани кредити во периодот по кризата.

Забрзувањето на кредитниот раст произлегува од зголемената кредитна поддршка на корпоративниот сектор, којшто објаснува над две третини од новото кредитирање во последниот квартал. Според НБРМ, ова претставува значително поместување во однос на движењата од претходните три квартали, кога кредитите на домаќинствата ја имаа улогата на главен носител на кредитниот раст.

Растот на кредитите на домаќинствата во четвртиот квартал е
малку поумерен во споредба со претходните два квартали. Кај кредитите на домаќинствата главен носител на растот и натаму се потрошувачките кредити. На годишна основа, покажуваат податоците на НБРМ, вкупните кредити во декември се повисоки за 9,5 отсто и ја надминаа октомвриската проекција за крајот на годината од 7,7 отсто.