Јолевски: Македонија заслужува да биде членка на НАТО

Македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски за време на посетата на Белата куќа во САД, се сретна Целесте Валандер, специјален советник на претседателот Барак Обама и директор во Советот за безбедност на САД, а во Стејт Департмент со Хојт Ји, заменик помошник секретар за Европа и Евроазија.

Министерство за одбрана на Македонија соопшти дека на одвоените средби Јолевски и соговорниците размениле мислења за интеграцијата на Македонија во НАТО, за реформските процеси во Армијата, како и за безбедносната состојба во регионот на Југоисточна Европа и пошироко. На средба во Пентагон со директорот за Русија, Украина и Евроазија, Лаура Грос, станало збор за реформските активности во Министерството за одбрана.

„Македонија е стабилен партнер и долгогодишен контрибутор кон светскиот мир. Ние сме одговорен член на меѓународната заедница и заслужуваме да бидеме дел од Алијансата за која сме подготвени од 2008 година“, истакнал Јолевски.