ОН: Асанж арбитрарно притворен

Работна група на Обединетите нации соопшти дека основачот на Викиликс Џулијан Асанж е во арбитрарен притвор во амбасадата на Еквадор во Лондон, би требало да биде пуштен и има право на оштета. Групата во која членуваат пет независни правни експерти соопшти дека треба да се почитува неговиот интегритет и слобода на движење. Шведските власти бараат екстрадиција на Асанж поради наводен сексуален напад во таа земја во 2010 година. Тој го негира обвинувањето и во јуни 2012 година побара политички азил во амбасадата на Еквадор во Лондон. Асанж верува дека од Шведска ќе биде екстрадиран во Соединетите држави каде што се соочува со обвинувања поради објавување на илјадници тајни документи на американските власти на сајтот Викиликс. Шведското обвинителство соопшти дека одлуката на панелот на ОН нема да има формално влијание врз нивната истрага, а британската полиција соопшти дека и натаму има намера да го уапси ако ја напушти амбасадата на Еквадор.