Законот за медиуми - Црвена линија за СДСМ

Претставникот на СДСМ во преговорите за медиумите Роберт Поповски.

Опозицискиот СДСМ нема да отстапи од своите позиции околу предлог-законот за медиуми што вчера им го достави на другите политички партии, потписнички на Договорот од Пржино. Според Роберт Поповски, член на преговарачкиот тим на СДСМ, тоа е нивната црвена линија во преговорите за регулацијата на медиумите. Тој вели дека нивниот предлог се базира врз предлогот на меѓународната заедница, „кој е во согласност со размислувањата на опозицијата и на огромен процент од медиумската заедница, новинарскиот еснаф и сите луѓе што работат во оваа професија“ и оти е во интерес на граѓаните.

„Опозицијата нема да отстапи од регулација на медиумите што значи можност за граѓаните да добијат објективна слика за состојбата во државата. Тоа е црвената линија, која е во интерес на регуларни и фер избори и во интерес на демократскиот амбиент и која мора да се испочитува“, изјави вечерва Поповски, пренесува новинската агенција Мета.

Членот на преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пред почетокот на денешната рунда преговори за медиумите во клубот на пратеници изјави дека неговата партија го отфрлила предлог-законот за медиуми на СДСМ, како противуставен и неевропски.