ДИК ги почна подготовките за проверка на Избирачкиот список

Државната изборна комисија со четири од десетте предвидени институции склучила договор за преземање податоци за вкрстена проверка на податоците од Избирачкиот список. Деновиве треба да се склучат и со останатите. Потоа по протоколи треба да се преземат податоците што може да трае неколку денови, по што може да се почне со вкрстената проверка. МВР веќе ја доставило својата база на податоци, која ќе биде основа за вкрстената проверка.

Претседателот на ДИК Александар Чичаковски денеска рече дека Комисијата сè уште не може да излезе со став за тоа дали прочистувањето на Избирачкиот список може брзо да се заврши и изборите да се одржат на 24 април.

„Откако ќе биде завршено вкрстувањето на податоците, доколку произлезат сомнителни податоци ќе се врши теренска проверка на податоците. Неа ќе ја вршат обучени анкетари на ДИК. Четирите најголеми политички партии треба да овластат лица како набљудувачи на теренските проверки“, информира Чичаковски.