Деблокирана пругата кај Гевгелија за превоз на мигрантите

Приватните автобуски и такси превозници од Општина Гевгелија денеска ја отстранија барикадата од пругата кај мостот на Сува Река со што се нормализира и транспортот на бегалците од Гевгелија кон Табановце. Одлуката за деблокирање на пругата, на која превозот на мигранти беше стопиран веќе петти ден, уследи по синоќешната одлука на Координативното тело за справување со кризи, кое донесе одлуки за превозот на мигрантите. По денешниот состанок од здружението на приватните превозници информираа дека според договорот, автобусите и такси возилата рамноправно треба да ги превезуваат мигрантите, со тоа што возовите ќе вршат транспорт преку ноќ, а такси возилата и автобусите дење. Од здружението на приватни превозници нагласуваат дека оставаат простор во наредните десет дена да се види како ќе функционира донесената одлука и договореното на денешниот состанок.