Донаторска конференција за собирање 9 милијарди долари за Сирија

Светските лидери денеска се собраа на донорска конференција во Лондон на која треба да се соберат 9 милијарди долари за погодените од речиси петгодишниот конфликт. Околу 70 лидери треба да ги договорат плановите за економска и хуманитарна помош за околу 4,6 милиони сириски бегалци кои живеат во соседните земји. Германската канцеларка Ангела Меркел најави дека за помош на бегалците до 2018 година нејзината земја ќе потроши 2,6 милијарди долари. Велика Британија најави 1,75 милијарди долари помош до 2020, а се очекува голема помош да најави и американскиот државен секретар Џон Кери. Меѓународната организација Оксфам пред три дена ги критикуваше земјите вмешани во Сирија зашто не им помагаат на жртвите од конфликтот во кој досега загинаа 250 илјади луѓе, а милиони се раселени.