Нов штрајк на грчките новинари

Грчките новинари денеска се во 24-часовен штрајк со кој бараат повлекување на предлог-законот на Владата за реформи во социјалното осигурување, кој оваа недела е предмет на дебата со претставниците на кредиторите. Новинарите се приклучија на генералниот штрајк кој за утре го закажаа најголемите синдикати во земјата, но со цел настанот медиумски да биде покриен, новинарите својот протест го префрлија за денеска. Според одлуката на грчката федерација на новинари, денеска не излегоа весниците, од шест часот утрово до утре во шест не се емитуваат вести и информативни емисии, ниту на државните, ниту на приватните електронски медиуми, а нема нови информации ниту на онлајн изданијата. Не работи ниту Генералниот секретаријат за информации и комуникации, како и сите прес-служби.

Ова е втор штрајк на грчките новинари за помалку од една седмица, со оглед на тоа што последниот 24-часовен протест беше на 28 јануари.