Путин го поддржа Медведев за кратење владини агенции

Рускиот претседател Владимир Путин ги поддржа плановите на премиерот Дмитри Медведев за консолидирање на некои владини агенции и сервиси како одговор на намалување на буџетските приходи. Русија е на удар на ниските цени на нафтата и на меѓународните санкции воведени поради анексијата на Крим од Украина и поддршката за проруските сепаратисти во конфликтот во источна Украина. Медведев денеска најави укинување на Агенцијата за гранични услуги, велејќи дека нејзината работа може да ја спроведува Министерството за транспорт. Тој исто така најави дека Руската служба за финансиска супервизија ќе се претопи во Министерството за финансии. Медведев денеска одржа средба со економските министри за планот за антикризни мерки во 2016 година.