Реформи за останување на Велика Британија во ЕУ

Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, го претстави предлогот за реформи во Унијата во обид да ја убеди Велика Британија да остане членка. Предлогот го вклучува и контроверзниот „итен прекин“ на плаќањето бенефиции за мигранти од други земји-членки на ЕУ. Ова ќе им биде на располагање на сите членки кои ќе докажат дека нивните јавни услуги се под прекумерен притисок. Лондон долго време лобира за четиригодишна забрана за бенефиции за мигрантите од ЕУ, но тоа наидуваше на отпор од Полска и други земји од Источна Европа кои сметаат дека на таков начин ќе бидат дискриминирани ако работат во Велика Британија. Другите предлози на Туск предвидуваат да им се даде поголема моќ на локалните парламенти во обликувањето на европското законодавство и договор дека Лондон не мора да се обврзе за понатамошна политичка интеграција во ЕУ. Членките на ЕУ ќе дебатираат за предлогот на Самитот на ЕУ во Брисел на 18 и 19 февруари. Британскиот премиер Дејвид Камерон се надева на брза одлука за ова прашање пред британскиот референдум во јуни за тоа дали земјата треба да остане во ЕУ.