Почна судењето на Насер Ориќ

Насер Ориќ.

Во Сараево денеска почна судскиот процес против поранешниот командант на муслиманските сили во енклавата Сребреница, Насер Ориќ, кој е обвинет за злосторства врз Србите за време на Војната во Босна и Херцеговина, која траеше од 1992 до 1995 година, јави Фена. Ориќ беше уапсен на 10 јуни 2015 година во близина на Женева врз основа на потерница издадена од Србија во 2014 година. На 26 јуни швајцарските власти му го предадоа Ориќ на босанското државно обвинителство, кое потврди дека и во Сараево се води истрага против него.

Ориќ и неговиот поранешен соработник Сабахудин Мухиќ се обвинети дека за време на војната со своите активности во реонот на Сребреница ги прекршиле одредбите на меѓународното хуманитарно право и Женевската конвенција, како и дека во 1992 година убиле тројца заробени Срби во три различни села близу Сребреница.

Постапка против Ориќ за воени злосторства водеше и Меѓународниот трибунал во Хаг, но тој тогаш беше прогласен за невин.

Како еден од командантите на Армијата на БиХ, Ориќ беше одговорен за организирање на одбрана на Сребреница од силите на босанските Срби.

Од оваа должност тој беше разрешен неколку месеци пред српските сили да го освојат градот во јули 1995 година, по што беше извршен масакр врз околу 8.000 муслимански мажи.