Грција ја обвинува ЕУ дека не ѝ помага доволно со бегалците

Грчкиот втор министер за миграциска политика Јоанис Музалас денеска ги обвини земјите-членки на Европската унија дека не испраќаат доволно претставници на Фронтекс и бродови во Грција за да ѝ помогнат на земјата да се справи со миграциската криза и оти не ги исполнуваат ветувањата за распоредување на мигрантите. Музалас, по неофицијалната средба на министрите за внатрешни работи и за правда на ЕУ во Амстердам, истакна и дека испраќање на претставници на ФРОНТЕКС во Македонија со цел да се запрат мигрантите „не е добра идеја“ и дека ФРОНТЕКС треба да биде распореден на границата на Грција со Турција. Тој додаде дека Грција прави сè што е можно да ги заштити морските граници од чамците полни со мигранти, кои патуваат од Турција кон грчките острови, но оти нема доволна помош од одредени земји-членки на ЕУ.

„Атина бара 1.800 претставници на ФРОНТЕКС, но во моментот има само 800“, посочи Музалас.

Во исто време Австрија денеска предупреди дека надворешната граница на ЕУ ќе се премести кон Централна Европа, ако Грција не ја подобри контролата на границата со Турција.