Отворен центар за борба против екстремизмот на ЕУ

Европската унија отвори нов центар за координирање на борбата против насилниот екстремизам, велејќи дека Европа се соочува со најголемата терористичка закана во последните десет години. Европскиот антитерористички центар беше официјално отворен денеска во Хаг, како дел од европската агенција за спроведување на законот, Еуропол. Во центарот ќе работат меѓу 40 и 50 експерти за антитероризам кои треба да делат разузнавачки податоци, да трагаат по странски борци и по изворите на финансирање на тероризмот и да им помага на земјите од ЕУ во истрагите. Се проценува дека на страната на екстремистите во Ирак и во Сирија се бореле околу пет илјади државјани на земјите од ЕУ, од кои голем број се вратиле дома.