Оланд вети решителност во борбата против тероризмот

Францускиот претседател Франсоа Оланд денеска од Њу Делхи вети дека нема да дозволи заканите да ја намалат решителноста на земјата во борбата против тероризмот. Исламската држава вчера објави видео снимка со деветтемина извршители на крвавите напади во Париз во ноември минатата година. Напаѓачите веројатно се снимени на територија на Исламската држава пред да се вратат во Европа да ги извршат нападите. Оланд рече дека токму поради тоа вонредната состојба треба да остане во сила. Тој воведе вонредна состојба во Франција веднаш по нападите во Париз од 13 ноември во кои загинаа 130 луѓе, со која се овозможуваат гранични контроли, претреси и домашен притвор без судски налог.