Се создаваат услови за мировни преговори за Сирија

Американскиот државен секретар Џон Кери вели дека е уверен оти мировните преговори за Сирија може да се одржат следната недела во Женева. Кери е во посета на Саудиска Арабија каде учествуваше на состанокот на Советот за соработка на земјите од Заливот. Претходно тој телефонски разговарал за мировните преговори за Сирија и со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Мировните разговори за Сирија треба да почнат на 25 јануари во Женева, иако почетокот на преговорите останува отворено прашање поради спорот околу тоа кој ќе биде дел од делегацијата што ќе ја претставува опозицијата на преговорите. Денеска Кери треба да разговара и со Ријад Хиџаб, претседател на Високиот комитет за преговори на сириската опозиција, кој беше формиран во Ријад минатиот месец.

Во меѓувреме американскиот потпретседател Џозеф Бајден е во посета на Турција, каде меѓу другото разговарал и за сириската ситуација. Бајден изјави дека САД и Турција „се подготвени“ за воено решение ако политичкото решение „не е можно“. Потоа американски официјален претставник појасни дека при изјавата Бајден мислел на справување со екстремистичката организација Исламската држава во Сирија.

Турскиот премиер, Ахмет Давутоглу, на пресконференцијата со Бајден, рече дека на преговорите за Сирија треба да им се дозволи да учествуваат само легитимни претставници. Тој се противи на преговорите да учествува Курдската народна единица за заштита, која е дел од Курдската работничка партија.