Размена на затвореници меѓу Иран и САД

Амир Хекмати и Џејсон Резаин.

Иран го ослободи новинарот на Вашингтон пост Џејсон Резаин и тројца други луѓе со двојно, иранско и американско државјанство, во договорот за размена на затвореници со САД, објави иранската полудржавна новинска агенција Фарс. Резаин, кој беше шеф на бирото на Вашингтон пост во Техеран, е во притвор повеќе од една година под обвинение за шпионажа. Тој и весникот постојано ги отфрлаат обвинувањата, велејќи дека тој е уапсен за да се користи како адут во поголема политичка игра.

Ослободен е и свештеникот Саид Абедини, кој три години е во затвор откако беше осуден за подривање на националната безбедност. Исто така е ослободен поранешниот американски маринец Амир Хекмати, кој беше осуден на 10 години затвор за соработка со непријателски влади.

Сè уште не е познато кој е четвртиот ослободен.

Јавниот обвинител на Техеран, Абас Џафари Доулатабади, за иранските новински агенции изјавил дека ослободувањата се во „национален интерес“ на Иран.

Иранските новински агенции објавија дека САД треба да ослободат седуммина Иранци. Засега нема коментар од американските власти.

Техеран и шесте светски сили, САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија, летоска се договорија Иран да ја ограничи нуклеарната програма во замена за укинување на меѓународните санкции. Се очекува денеска да биде објавено дека договорот е целосно спроведен по што ќе следува укинување на санкциите.