Вонредна економска состојба во Венецуела

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро употребил специјални овластувања и издал Указ со кој прогласил вонредна економска состојба во земјата. Указот е објавен денеска во Службен весник, а Мадуро предвидел 60 дена за да ги спроведе специјалните реформи. Указот е објавен само неколку часа пред претседателот да го одржи своето годишно обраќање пред нацијата.

Според Уставот, претседателот секоја година во јануари се обраќа пред народот за да поднесе извештај за својата политика. Очекувањата се големи во поглед на вечерашното обраќање, бидејќи прв пат по 17 години, социјалистот Мадуро ќе одржи говор пред Собранието во кое мнозинството се негови противници.

За прв пат од 1999 година по доаѓањето на Хуго Чавез на власт, претседателот има парламент во која мнозинството е од опозицијата.

Опозицијата освои убедлива победа на парламентарните избори на 6 декември и доби 112 од вкупно 167 пратенички места.