Нови ноќни пржински разговори

Фото: novatv.mk

Разговорите на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан со лидерите на четирите најголеми партии во земјава, во резиденцијата на евроамбасадорот во Пржино сè уште траат.

Освен четворицата лидери и еврокомесарот Хан, на средбата се присутни и евроамбасадорот Аиво Орав, амбасадорот на САД Џес Бејли, како и белгискиот посредник во преговорите на работните групи на партиите, Питер Ван Хауте.

Хан во текот на денот одржа засебни средби со лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, а попладнето започна заедничка средба.

Пред да стигне во Скопје, Хан најави дека овој петок е клучен за договорот од Пржино и дека очекува сите битни елементи од него да бидат решени пред да си замине од Македонија.

Најспорно прашање е датумот за изборите, но СДСМ бара, пред да се утврди датум, да се решат прашањата за медиумите и за прочистувањето на избирачкиот список.

Засега нема никакви најави кога би можела да заврши средбата.

Инаку, новинарите пред резиденцијата на ЕУ во Пржино работат во тешки услови, поради дождот и студот, па вечерва за нив беше отворена гаражата на резиденцијата во која тие сега се сместени и послужени со чај.