Премиерот Груевски ја достави оставката до Собранието

Премиерот Никола Груевски денеска ја доставил својата оставка до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, соопшти кабинетот на Вељаноски.

„Имајќи ги предвид преземените политички обврски на лидерите на најголемите политички партии во Република Македонија согласно договорот од 2 јуни 2015 година и протоколот од 15 јули 2015 година, како претседател на Собранието на Република Македонија ќе го следам исходот од денешните разговори со посредство на меѓународната заедница. Искажувам надеж дека политичките лидери на Република Македонија ќе успеат да ги надминат меѓусебните предизвици, а во функција на натамошен демократски развој на Република Македонија. Верувам дека во периодот што следи ќе биде направен уште еден исчекор во исполнувањето на обврските од постигнатиот договор, а во функција на натамошно стабилизирање на вкупните прилики во државата“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседател на Собранието Трајко Вељаноски.