Нов хуманитарен конвој за сирискиот град Мадаја

Втор хуманитарен конвој оваа недела се упати кон опколениот град Мадаја во Сирија, кој е под контрола на бунтовниците. Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека 44 камиони со храна и лекови денеска тргнале од Дамаск. Околу 40 илјади луѓе во Мадаја се под опсада на силите на претседателот Башар ал-Асад. Повеќе од 20 луѓе, според информациите, умреле од глад од декември. Претставници на ОН предупредија дека околу 400 жители може да умрат од глад или од други здравствени компликации. Помал конвој со 17 камиони од главниот град се упатил кон градовите Ал-Фуа и Кефраја, каде што ситуацијата е исто така загрижувачка.