Отфрлена кандидатурата за премиер на молдавски олигарх

Контроверзниот олигарх Влад Плахотниуц.

Молдавскиот претседател Николае Тимофти ја отфрли кандидатурата на контроверзниот олигарх Влад Плахотниуц за нов премиер на земјата, со што можеби го отвори патот за предвремени избори на кои оваа поранешна советска република може да се врати во руската сфера на влијание. Претседателот Тимофти рече дека Плахотниуц, кој беше избран за мандатар од неговата Демократска партија, „не ги исполнува критериумите за интегритет“ да стане премиер. Многумина Молдавци сметаат дека Плахотниуц го контролира судството и го користи своето влијание за кривично гонење на неговите противници.

Илјадници луѓе денеска протестираа во Кишињев против одлуката токму нему да му се довери можноста да формира влада. Експертите се поделени во однос на тоа што може да се очекува следно во владината криза. Некои сметаат дека претседателот ќе успее да ги убеди партиите да назначат помалку контроверзна проевропска личност, додека други велат дека ќе има предвремени избори. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека на предвремените избори би можеле да победат проруските партии, кои може да го преразгледуваат Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ.