Литванија одбележува 25-годишнина од протестите за независност

Литванија ја одбележува 25-годишнината од крвавото задушување на протестите за независност во Вилнус, што беше еден од катализаторите за распад на Советскиот Сојуз. По повод Денот на бранителите на слободата се одржуваат маршеви, собири, црковни служби и други настани.

Најмалку 14 невооружени демонстранти беа убиени во судирите со советските сили на 13 јануари 1991 година. Собирот беше организиран за поддршка на литванската влада која во 1990 година прогласи независност од СССР. Литванија има издадено потерници за 80 луѓе, војници и офицери на советската армија, осомничени дека учествувале во судирите. Советскиот сојуз се распадна во декември 1991 година, а Литванија влезе во ЕУ и во НАТО во 2004 година.